Сабате: Да не нè залажува 22. место на Македонија на последното ЕП

709

Селекторот на чешката ракометна репрезентација, Ксавиер Сабате, во пресерт на утрешниот прв бараж меч со Македонија за пласман на Светското првенство, вели дека Македонија има одличен тим и големо искуство и не треба да се залажуваат со пласманот на 22. место на последното ЕП.

„На последното Европско првенство Македонците имаа многу тешки противници. Но, тие се многу добар тим со играчи кои имаат големо искуство. Играат во Бундеслигата, во француската лига, играат во Лигата на шампионите. Тимот долго време игра заедно. Ќе бидат два навистина тешки натпревари и очекувам да биде тесно. Имаме огромен мотив да напредуваме“, изјавил Сабате, кој ја презеде репрезентацијата на Чешка по истекот на договорот за искусниот селектор Растислав Тртик.

45-годишниот Сабате, кој е роден во Барселона, го чека дебито на репрезентативната клупа на Чешка на официјален меч, откако Чешка под негово водство во март одигра два подготвителни натпревари со Србија со биланс од пораз и победа.

„Задоволство е да се работи со овој тим, уживам во тоа. Имаме многу убава комбинација на млади и искусни играчи кои ги учат младите. Атмосферата во тимот е неверојатна, им верувам на сите играчи“, дополнил селекторот на Чесите, кој го води и полскиот клуб Висла Плоцк.

ПретходноЛШ: Челзи првпат гостува на „Бернабеу“, а мора да брка два гола негатива
СледноРакометарите летаат за Чешка по резултат за пласман на СП (ФОТО)