МЗТ Скопје денеска (18 часот) ја почнува битката за кам-бек во елитната АБА-лига. Актуелниот македонски првак ги има сите предуслови да се врати во оние денови кога во СЦ „Јане Сандански“ гостуваа врвни кошаркарски имиња од регионот, а „сино-белите“ имаа полни трибини, во Аеродром беше празник на кошарката.
Вака ќе биде од денеска, МЗТ Скопје заедно со Општина Аеродром е домаќин на завршниот турнир во АБА2-лига, осум екипи ќе се борат за местото кое води во елитата.
Прв противник на Александар Петровиќ и неговите момци е тимот на Сутјеска. Поразот и лошата игра против овој клуб не беше одамна, пред повеќе од два месеци, во „балонот“ во Сараево, македонскиот првак беше минимално поразен со 56-55. Но, од тогаш се променети многу работи. Најважно е, дека „сино-белите“ играат пред домашна публика, ќе имаат полни трибини на патот кон АБА-лига.