СПОРТМЕДИА во Злин, Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација вечерва (20:15 часот) во Злин го почнува патот кон пласман на ново Светско првенство. Кирил Лазаров и неговите момци за противник ја имаат селекцијата на Чешка, тим со кого низ годините многу пати играле во големите натпреварувања, квалификациите, па и во бараж за место на Мундијалите.
„Ова е познато место, познат противник. Знаеме дека ќе биде тежок меч, имавме неколку дена да се подготвиме за нив пред видео анализи и тренинзи. Можам да кажам дека се работи за квалитетна репрезентација. Одиграа добро првенство во јануари на кое беа во група со финалистите Шведска и Шпанија. Ние ќе гледаме да го одиграме тоа што го договараме на тренинзите. Мислам дека ако бидеме дисциплинирани, особено во одбраната ќе имаме поголеми шанси за пласман. Можеби повеќе голови би ни одговарале за побрза игра. Градиме таква игра, со таков ритам. Дадовме на ЕП доста лесни голови, иако не ни е усовршено. Но, мислам дека таква игра би ни одговарала на овој натпревар, изјави Гоце Георгиевски.
Реванш мечот се игра во Скопје за четири дена во салата „Борис Трајковски“, билетите за овој натпревар се распродадени.