Тренерот на Рома Жозе Мурињо е убеден дека неговиот тим е подобар од Бодо/Глимт и ќе успее да го отстрани норвешкиот тим во утрешниот четвртфинален реванш во Лигата на конференциите. Мурињо се уште нема победа над Бодо/Глимт, во групите беше понижен во Норвешка со 1:6, во Рим беше 2:2. На првиот четвртфинален натпревар минатата недела Норвежаните победија со 2:1.
„Со нетрпение го чекам мечот. Нека победи подобриот, а тоа сме ние. Не сакам да го коментирам инцидентот од првиот меч. Во групната фаза загубивме со 1:6, но немавме такви епизоди како минатата недела. Тоа што се случи минатиот четврток е извадено од контекст: мечот беше нормален, потоа имаше непријатен момент, но сега сакам да се фокусираме на утрешниот меч“, коментира Мурињо.
Ерменскиот халф Хенрик Мхитарјан вели дека сезоната на Рома зависи од реваншот со Бодо/Глимт.
„Не ме интересира што се случуваше на претходните дуели со овој противник. Сега мислиме на утрешниот натпревар. Мораме да одиграме паметно. Треба да покажеме дека можеме да победиме затоа што сме силна екипа. Оваа сезона зависи од овој меч. Сакаме да ја освоиме Лигата на конференциите“, вели Ерменецот.