СПОРТМЕДИА во Злин, Марија Ковачева
Против Чешка ќе мора многу повеќе од Романија. Македонија традиционално секогаш игра важни натпревари со оваа селекција. Дел од ракометарите имаат искуство токму со овој противник, знаат дека не смеат да си дозволат слаби моменти, мора да се биде максимално перфектен за да се направи првиот чекор кон пласман на Светско првенство 2023 година.
„Ќе видиме на терен дали во вистински момент доаѓа овој натпревар. Тие што треба да играат се во добра форма, играат и во клубовите и мислам дека физички сме подготвени и знаеме што ни следи на овие два натпревари против Чешка. Посебно денес очекувам тврд натпревар, со многу дуели, со многу тепање. Но, спремни сме, ја знаеме нашата цел и останува да ги финишираме анализите и да излеземе фокусирани на терен и ако може уште вечерва да завршиме голема работа. И денес очекувам борба како на претходните дуели со Чешка. Мислам дека нема да има многу голови, но сакаме да наметнеме ритам со многу голови и трчање. Ќе се обидеме да ги изненадиме, бидејќи сме во подобра форма. Тие имаат повисоки и потешки кружни напаѓачи и тоа треба да го искористиме“, изјави Филип Талески.
Вардарецот очекува промени во играта на Чешка, особено по доаѓањето на Хавиер Сабате на клупата.
„Чешка имаше одлично Европско првенство, играше егал натпревари со Шведска и Шпанија и покажа квалитет. Со новиот селектор сигурно нешто ќе променат во играта, но колку може да се промени во два собири не знам. Системот ќе биде шпански, мислиме дека во одбрана повеќе тактички може да нè изненадат“, додаде Талески.
Мечот меѓу Чешка и Македонија е закажан со почеток во 20:15 часот, реваншот се игра четири дена подоцна.