Белгискиот Ројал Ексел Мускрон се најде во неволја и му се заканува банкрот откако беше одбиен за лиценца да игра на професионално ниво. Мускрон ја играше сезоната во белгиската Втора лига, но наидоа на големи проблеми пред се финансиски кои доведоа до колапс, а со тоа и не добија лиценца за настап од страна на Белгиската фудбалска федерација. Клубот доби рок од помалку од еден месец да се жали на одлуката и да се обиде да најде нов инвеститор и да се спаси.
Во 2020 година Жерар Лопез, актуелниот претседател на Бордо го купи клубот со надеж дека ќе го направи сателит на францускиот клуб. Но бргу стигнаа финансиските проблеми, играчите во февруари се кренаа на штрајк, а клубот доби забрана за ангажман на нови играчи.
На Жерар Лопез му преостанува да го продаде клубот за симболично 1 евро и да се ослободи од него. Заинтересираните освен што ќе платат 1 евро за да го купат клубот ќе мора да ги покријат долговите оставени од Лопез во Мускрон. Доколку не биде направено тоа клубот ќе падне под административна управа или ќе згасне.
Инаку, после 27 кола Мускрон е седмопласиран во Втората лига.