МЗТ Скопје после четири години и официјално се враќа во АБА-лига. Актуелниот македонски првак со победа во полуфиналето успеа да обезбеди место во јадранската елита. Избраниците на Александар Петровиќ вечерва го совладаа Широки со 75-71 и го исполнија сонот на сите аеродромци.
Триумфот вечерва беше благодарност до сите кои дојдоа до сала, благодарнст до „Фемили“ кои приредија фешта и го добија најубавиот подарок за јубилејот.
Со пласманот во АБА-лигата, „сино-белите“ само најавија дека допрва доаѓаат убави денови во Аеродром, новата управа на чело со извршниот директор, Филип Ѓоревски за кратко време успеаја да направат големи промени. Кошаркарите предводени од искусниот Александар Петровиќ го добија најважниот меч оваа сезона, следната сезона во „Јане Сандански“ одново ќе гледаме големи битки со големи имиња.
Финалето против Златибор ќе биде само формалност, која МЗТ Скопје ќе сака да ја добие како круна на овој одличен финиш во јадранското натпреварување. Српскиот тим поради пропозициите на АБА-лига не може да влезе директно во елитата бидејќи ќе биде шестти тим, па ќе мора да игра бараж со најслабо пласираниот тим од Србија.
ДАМЈАН ВИСТИНСКИ КАПИТЕН
Дамјан Стојановски со 17 поени беше лидер во редовите на својот тим, како вистински капитен го поведе тимот во важните моменти, не му дозволи на противникот да приреди пресврт во самиот финиш. Зад него беше Дејвис со 14 поени, десет поени имаше Рикиќ.
Широки беше подобар во првата четвртина, поведе со 11-16, по истекот на овој период имаше минимални 19-20. Дејвис со две тројки во низа отвори во продолжение, МЗТ Скопје со серија од 7-0 поведе со 36-27. Токму од 16. минута ја превзема контролата на мечот. На одморот избраниците на Александар Петровиќ имаа предност од 44-39.
Во третата четвртина актуелниот македонски првак отвори со 10-2 и во 24 минута поведе со 54-41. На другата страна противникот се обидуваше да го наруши ритамот, во 32. минута намали на 63-60, капитенот Дамјан Стојановски зоглеми на 67-60. Токму тој беше лидерот во минутите кога Широки притискаше, со три поени зголеми на нови плус седум (70-63).
Ниту ова не беше доволно, Иванов и Божиќ намалија на 70-68. Сепак, „сино-белите“ не паднаа, Дамјан реализираше две слободни за 73-68 на една минута до крајот. Божиќ одново правеше проблеми, врати за 73-71, а Петровиќ повика тајм-аут. Стојановски од линијата за слободни фрлања стави печат (75-71) за големо славје во СЦ „Јане Сандански“.