МЗТ Скопје вечерва (21 часот) го игра најважниот дуел во АБА 2-лига. Против Широки, актуелниот македонски првак ќе бара место во финале, ќе бара победа која ќе го донесе на чекор до остварување на големиот сон – враќање во јадранската елита.
Патот нема да биде лесен, но на истиот Александар Петровиќ и неговите момци очекуваат да имаат огромна поддршка од трибините.
Вака и ќе биде.
Аеродром се буди, сите љубители на „сино-белата“ боја се мобилизираат во име на МЗТ Скопје. Во СЦ „Јане Сандански“ се очекува да биде вистински спектакл.
„Фемили“ слават 25 години од нивото постоење, па фештата на трибините ќе биде загарнтирана, истата започна доцна синоќа, а врвот ќе го доживее вечерва. Останува кошаркарите на дело да ја оправдаат фаворитската улога и да се најдат во финалето во завршниот турнир.
МЗТ Скопје во АБА-лига играше до сезоната 2017/2018 година, по што се пресели во втората лига. Своето деби во елитата во рамките на ова натпреварување го имаше во сезоната 2012/2013.