Барселона е елиминирана во четвртфиналето во Европската лига, откако на домашен терен беше совладана од Ајнтрахт со 2-3. Оваа средба остана запаметена по онвазијата на гостинските навивачи на „Камп Ноу“.
Иако каталонскиот гигант за фановите на германскиот тим во продажба пушти само 5.000 билети, сепак гостите се снајдоа добро, останатите карти ги обезбедија на „црно“, поточно истите ги добиле од луѓето кои имале годишни влезници, тие бројат 37.746.
Претседателот на клубот, Жоан Лапорта овој потег го нарече срамен и најави промени кога станува збор за билетите. На секоја карта за домашните мечеви во европските натпреварувања ќе стои име и презиме, со што ќе се спречи ново фијаско.
„Ние сме лути затоа што ги поставивме сите можни ограничувања, ги почитувавме сите правила, но не можеме да го толерираме ваквото однесување. Не сакавме да ја преземеме оваа мерка затоа што е незгодно за навивачите на Барселона кои ги следат правилата, a ги има многу. Но, немаме друг избор освен да ја воведеме оваа мерка. Се надевам дека разбирате и дека тоа нема да се повтори“, рече Лапорта.