Аеродром вечерва дефинитивно нема да спие. МЗТ Скопје одново ќе игра во елитната АБА-лига, после четири години пауза, овој тим успеа да се врати во ова натпреварување.
Александар Петровиќ и неговите момци сонот на сите го остварија уште во полуфиналето. Како што најави искусниот стратег, го добија најважниот меч оваа сезона, го совладаа Широки со 75-71 во полуфиналето, а благодарение на победата на Златибор порано го заверија своето место во јадранската елита.
Вечерва кошаркарите на МЗТ Скопје уживаа во прекрасна атмосфера, од мало до големо дојдоа во СЦ „Јане Сандански“ да ги поддржат своите миленици на патот кон АБА-лига. Заедно успеаја, на трибините грмеа „Фемили“, кои својот јубилеј (25 години од своето постоење) долго време ќе го паметат.
Чекорот кој пред многу кратко време беше најавен од страна на новото раководство на чело со Филип Ѓоревски е направен. Овој МЗТ Скопје ќе биде гордост, ќе биде вистински репрезент на македонската кошарка надвор.
Плсманот во АБА-лига на кошаркарите им го честиташе градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.