Фудбалскиот клуб Нант во недела против Анже ќе прослави голем јубилеј. Клубот ќе го одигра 2000 натпревар во најсилната француска лига во која за прв пат заигра во 1963 година. Нант е 13-ти клуб во Франција кој го достигнал ова, далеку зад Олимпик Марсеј кој е многу понапред со 2571 натпревар во Лига 1.
На второто и третото место се Бордо и Сент Етјен со по 2500 натпревари, додека Сошо (моментално во Лига 2), Лион, Рен, Монако, Ница, Лил, Мец, Ленс и Стразбур исто така поминале граница од 2000 натпревари.
Авантурата на Нант во најсилната француска лига почнува на 31 август 1963 година, дваесет години по формирањето на клубот и тоа во еден дождлив ден пред 12.000 гледачи против Седан, меч кој завршил 2:2.
Нант осум пати бил шампион на Франција, а последната титула им е од пред 20 години.
Легендите кои го играле првиот меч во Лига 1 Жан-Клод Содо (83), Бернар Бланше (78) и Жилбер Ле Шенадек (83) во недела на „Стад де Божуар“ ќе го изведат почетниот удар на 2000 натпревар на „канаринците“.