МЗТ Скопје е на два чекори до кам-бек во АБА 1-лигата. По Сутјеска, новата пречка за кошаркарите на актуелниот македонски првак на патот кон најдобрите во регионот се вика Широки, мечот се игра со почеток 21 часот.
Станува збор за добро познат противник. Не беше многу одамна, пред месец дена „сино-белите“ го поразија босанскиот претставник со убедливи 78-91.
Актуелниот македонски првак е фаворит и на оваа средба, како никогаш оваа сезона на трибините ужива во огромната поддршка од своите верни фанови, а упорноста и професионалноста на раководството на клубот, беше доволна причина за да завршниот турнир се одржи во Скопје.
Секако за место во финалето, кошаркарите на МЗТ Скопје мора да одиграат максимално, да ја оправдаат улогата на фаворит за да го добијат најважниот меч оваа сезона.
Александар Петровиќ и неговите момци максимално го искористија краткото време за подготовка. Стратегот на тимот од Аеродром предупредува дека вечерва дуелот ќе биде сосема поинаков, момците ќе мора да одиграат многу подобро во нападот од претходната средба за да ги израдуваат фановите и да се најдат во финалето.
„Ова е сосема друг натпревар од претходниот, најважен оваа сезона, немаме право на поправен. Најважно е дека сите играчи се здрави, се чувствува мал умор, но мора да се издржи темпото, влогот е голем.
Пристисок секако дека има, се обидувам истиот да го тргнам од „грбот“ на играчите. Секако истиот е позитивен и во спортот мора да постои, во спротивно не би биле тука.
Го искористивме времето максимално за подготовка овој меч. Играме со искусна екипа, која игра добро, без разлика на онаа претходно наша победа. Не смееме да дозволиме пад во скокот во последната четвртина, мора да имаме максимална концентрација. Ако играме во нападот подобро од дуелот со Сутјеска и го забрзаме истиот, со добра одбрана, на крајот може да се радувамеж“, ни изјави Александар Петровиќ.
Тој и неговите момци очекуваа полни трибини, навивачи се нивниот шестти играч, а кога во салата има одлична атмосфера, патот кон секоја победа е полесен.
„Играме пред полни трибини, денеска очекувам поголем број на навивачи, полна сала. Навистина е прекрасно да се игра пред една таква атмосфера, нашите навивачи ни даваат ветер во грбот, тие се нашиот шестти играч“, додаде искусниот стратег.
Пред дуелот меѓу МЗТ Скопје и Широки, во првото полуфинале ќе се сретнат Борац Бања Лука и Златибор, мечо е закажан во 18 часот.