Македонската ракометна репрезентација ги има сите пред услови за да дојде до нов пласман на едно големо натпреварување, овој пат на Светското првенство 2023 година. Во Злин, Кирил Лазаров и неговите момци покажаа дека можат да играат против Чешка, имаа седум гола разлика, но на крајот се изборија за реми.
Мотивот во редовите на „црвено-жолтите“ е голем. Дуелот со Чешка ќе биде последен во репрезентативниот дрес за Филип Миркуловски и Кирил Лазаров. Популарниот Жути, одлучи да се врати во националниот тим и заедно со останатите момци да им помогнат на младите ракометари во процесот на созревање, заедно да ја изградат новата Македонија.
Миркуловски потврди дека го игра последниот меч, посакува „хепи енд“ во недела.
„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со ‘хепи енд’, да победиме во недела и да се пласираме на Светското првенство“, изјави Миркуловски.
Откако Сабате ги отвори картите во Злин, сега подготвките за реваншот се поедноставни, а потот кон СП 2023 ќе биде полесен бидејќи нашите момци играат пред полни трибини.
„Мислам дека за овој втор натпревар ќе бидеме подобро подготвени, бидејќи немавме гледано натпревари со новиот селектор Сабате, па сега ќе знаеме што точно нè очекува. Одигрвме еден сосема добар натпревар во Чешка. Испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“, вели Миркуловски.
Искусниот ракометар прзинава дека биле малку разочарани по мечот во Злин, но тоа е зад нив, сега мислат само на реваншот.
„По натпреварот во Злин секако дека постоеше чувство на разочараност, требаше да го добиеме, но сепак мораме и што побрзо да го заборавиме тоа и во недела да одиграме еден сосема нов натпревар. Потребна ни е само победа, што пред два месеци и ќе го прифатевме. Сепак Чешка е квалитетна репрезентација, сигурно е дека нè очекува квалитетна борба. Како што покажаа на првиот натпревар, ќе се борат до последно. Треба да одиграме уште еден добар натпревар со многу концентрација и да го добиеме во одбраната.
Не би требало да има многу изненадувања во однос на претходниот натпревар, бидејќи ќе поминат само неколку денови за подготовка. Ќе биде доста сличен натпревар со цврсти одбрани“.
Натпреварот меѓу Македонија и Чешка е закажан со почеток во 19 часот.