Стојанче Стоилов како капитен ја заврши својата репрезентативна кариера. Искусниот пикер 15 години беше дел од националниот тим, беше стабилност и синоним за борбеност, никогаш ама никогаш не се откажуваше. До последниот здив се бореше лавовски на теренот.
Стоилов долго време размислувал пред да ја донесе својата одлука. Истата доаѓа во време кога тој е сигурен во иднината која доаѓа. Одржа говор за почит, потенцира дека Македонија има златни деца, кои заслужуваат поголема минута на Светското првенство.
„Една работа сакам да биде јасна, јас никогаш немаше да се откажам ако не мислев дека можат без мене. Ова се златни деца, од Пешевски, до Маркоски и сите останати, кои ги следам со години, кои напредуваат од сезона во сезона и заслужуваат уште поголема минутажа на овој светски шампионат. Јас верувам во нив и знам дека можат да продолжат во ист стил и кога мене ќе ме нема во репрезентацијата. Јас од 2008 година не знам што е одмор, навистина е тешко, едноставно телото не издржува, тешко е да играш пикер“, истакна Стоилов.
„Засега немам план да почнам тренерска кариера… Имам уште една година од договорот со Вардар, сакам да бидам здрав и да ја издржам без проблеми, па потоа ќе размислувам за иднината“.