Филип Кузмановски со девет гола беше прв стрелец во редовите на македонската ракометна репрезентација во триумфот над Чешка (27-25) за пласман на Светското првенство 2023 година кое ќе се одржи во Полска и Шведска.
Кузмановски заедно со Талески, прераснаа во она што го посакуваа сите. Двајцата ги превземаа лидерските улоги, на оваа средба постигнаа вкупно 15 погодоци, повеќе од половината.
Популарниот Фитиљ е нашата ракета во тимот, тој на оваа средба успеа да ги реализира сите седмерци, вклучувајќи го најважниот во последните моменти за конечни 27-25.
„Сакам да им се заблагодарам на навивачите, тие беа нашиот осми играч. Не се сеќавам кога сум играл пред ваква поддршка од трибините. Среќни сме на големиот успех, но оваа победа му ја посветувам на Филип Миркуловски, како и на македонските фанови. Покажавме дека сме подготвени да ја преземеме одговорноста од нашите претходници. Ќе продолжиме да го даваме максимумот на терен за овој дрес, како тоа што го правеше Миркуловски на секој натпревар“, рече Кузмановски по мечот.