Традицијата останува: Чешка падна во Скопје, Македонија оди на Светско првенство (ФОТО)

507

Македонската ракометна репрезентација на реваншот со Чешка го избори шестото по ред, вкупно осмо Светско првенство. По нерешените (24-24) на гостински терен, „црвено-жолтите“ на пред преполни трибини славеа со 27-25 и заверија нов мундијалски билет.

Традицијата остана непроменета, Македонија пред своите навивачи е несовладлива.

Ова беше последен меч за Филип Миркуловски во националниот дрес, РФМ му подари врамен знак за благодарност. Репрезентативното збогум се очекуваше и од Кирил Лазаров, истото ќе се случи во октомври на стартот на квалификациите за ЕП 2024, најверојатно тогаш на Кире ќе му се приклучат уште неколку репрезентативци.

Првото полувреме го завршивме со позитива од два гола. Грешките беа нешто побројни за разлика од Злин. Чешка поведе со 2-4, но брзо се вративме. Лазаров и неговите избраници одговорија со пет гола во низа, Македонија во 13. минута дојде на плус три (7-4). Пешевски, Талески и Атанасијевиќ беа креатори на кам-бекот.

Предност од три гола имавме и на средината на првото полувреме (8-5). Две грешки, две потрошени топки гостите ги претворија во два гола за 8-7. И двете репрезентации останаа со играч помалку. Македонија со погодокот на Миркуловски ги врати највисоките плус три 12-9.

Во 24. минута по реализираниот седмерец на Кузмановски и одбрана на Митревски не искористивме напад за плус четири. Чешка намали на 13-12 во 28. минута, имавме недозволива техничка грешка на освоена топка. Кузмановски со бомба, Митревски со седмата одбрана, зголемија на 14-12, Лазаров изгуби топка за плсу три. На голема среќа истата позитива остана на одморот.

Кузмановски (со три гола) и Талески во првите десет минути одржуваа предност од три гола (15-12, 16-13, 18-15 и 19-16), беше вистинска битка на теренот. Митревски имаше две златни одбрани, Пешевски ја искористи шансата зголеми на 20-16, прва предност од четири гола, во 41. минута.

Сабате повика тајм-аут, Чешка одговори со два гола за 20-18, Митревски со 11. интервенција не дозволи противникот да дојде на минус еден. Македонија падна во криза три минути, на голема среќа противникот не ги искористи сите напади, Талески зголеми на 21-18 во 47. минута.

Кузмановски, нашиот најдобар стрелец, успеа да ги реализира сите удари од седум метри, но промаши зицер на десет минути до крајот при 24-21. Чешка со серија од 1-3 намали на 25-24 во 26. минута.  Наместо да дојдеме на плус два, во период кога противникот имаше играч помалку, изгубивме топка. Талески зголеми на 26-24, но притисокот продолжи, веднаш примивме гол за 26-25. Јагуриновски изнуди седум метри, Кузмановски реализираше за 27-25.

Кузмановски со девет гола беше прв стрелец, Талески застана на шест, по три гола имаа Јагуриновски и Пешевски. Митревски запиша 13 одбрани.

ПретходноПСВ со пресврт по 10. пат го освои Купот на Холандија (ВИДЕО)
СледноЛазаров: Заслужено се пласиравме на СП, изгоревме од желба за победа