✍️ Марија Ковачева
17 април 2022 година, датум кој долго време ќе биде запаметен во историјата македонскиот репрезентативен ракомет. Ова утро е поинакво од сите претходни, кога Македонија играла еден важен натпревар.
Звучи неверојатно. Тешко е да се изговори, но дојдовме до тој момент. Кирил Лазаров вечерва против Чешка во реваншот за пласман на СП 2023 година го игра последниот меч во „црвено-жолтиот“ дрес.
„Кралот“ Лазаров, како што умеат да го наречат и светските, и европските медиуми, во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ја испише последната страница во својата богата репрезентативна кариера. Тој и цела Македонија се надеваат дека крајот ќе биде победнички – еднаков на неговиот карактер.
25 години го носи дресот на Македонија, беше „слуга“ на својата земја, секогаш го даваше последниот атом сила, никогаш не се штедеше. Македонија беше на првото место, пред сите важни фамилијарни денови – одбираше да го носи националниот дрес, одбираше да ја води Македонија низ секоја голема бура. Стоеше исправено пред сите предизвици, никогаш не бараше изговори, од секој пораз излегуваше посилен.
По сите падови и удари знаеше како да се исправи, по сите подеми гордо го вееше македонското знаме, ја носеше на „грб“ Македонија, за него ниту една битка не беше пред време изгубена, храбро ги „примаше сите огнени стрели“, ну ми беше сеедно, но во неговиот свет, на овој начин созреваше, стануваше посилен.
„Навивачите ги испишаа најубавите страници, Убаво ми е кога ме викаат херој. Имаше многу тешки моменти. Многу добро и лошо поминав носејќи го црвениот дрес. Играм бијдеќи имам одговорност и љубов кон тие луѓе. Мене ми е убаво. Тоа е дрога, тоа е обврска. Кога знаеш дека салата е полна, кога два милиони се со тебе и знаеш колку им значи тоа, тогаш репрезентацијата секогаш ти е во мислите. Таа е мојата душевна храна“, ќе каже Лазаров за македонската нација во својата „Автобиографија“.
Лазаров е името поради кое Македонија имаше посебно место на европска и светска карта. Лазаров е причината поради која нашата мала земја изгледаше голема. Не успеа на Македонија да и донесе одличје, но секоја победа беше како медал, секој настап на големите натпреварувања, секое признание беше пехар и гордост за сите Македонци. Едноставно знаеше како да ни ги исполни срцата на сите, не правеше горди со години, го живеевме сонот на важни ракометни сили.
Момчето од Свети Николе кое скромно ја почна својата кариера – стана легенда, икона не само на македонскиот ракомет, туку и на македонскиот спорт.
Кога станува збор за величина како Лазаров, секогаш е тешко да се одберат вистинските зборови. Тој е пример за спортист, вистински професионалец, одмерен, цврсто гази по земја.
И на 41 годинa на теренот делува застрашувачки.
Колку е голема љубовта кон Македонија, говори неговата двојна функција: играч и селектор на нашата репрезентација.
Првиот официјален настап во сениорскиот дрес го имаше на 23.09.1998 против Белгија во „Кале“ во квалификациите за Светското првенство следната година.
Полека, но сигурно растеше покрај поискусните соиграчи од репрезентација, а потоа прерасна во лидер, кој Македонија никогаш претходно го немала. Се закити со индивидуални признанија на големите натпреварувања, најдобар стрелец на европски и светски првенства, уриваше рекорди по бројот на постигнати мечеви на еден натпревар, стана првиот ракометар кој имал двојна улога во еден национален тим.
Како што ја почна, така ја завршува својата кариера – скромно. Иако денешниот ден е посебен, не сакаше главен приоритет да биде токму тој. На секое новинарско прашање за овој последен меч, Лазаров потенцираше дека најважна му е Македонија. За него најважно е да се победи вечерва Чешка, а Македонија да се пласира на ново големо натпреварување. Едноставно не дозволува емоциите да го надвладеат.
Вечерва нека биде посебна. Последната страница од неговата репрезентативната кариера нека биде затворена со победа над Чешка и пласман на Светското првенство 2023. На последната страница нека бидат впишани сите емоции кои Лазаров ги потиснуваше само поради својата Македонија.
Вечерва, сите да му се поклониме на „Кралот“ – Кирил Лазаров!