Македонија ја совлада Чешка на реваншот во Скопје и се пласира на СП. Селекторот Кире Лазаров изјави дека е среќен поради тоа што е исполнета целта, а тоа е пласман на светскиот собир.
„Мислам дека победивме заслужено. Изгоревме од желба за оваа победа, мило ми е што го приведеме мечот до крај тоа ми беше желба и тоа се оствари. Среќни сме, победивме моќни репрезентации во овие квалификации Романија и Чешка кои сега значат во ракометна Европа. Момците беа дисциплинирани и пожртвувани, мислам дека малце паднавме психолошки што е логично затоа што е финиш на сезоната, па го намаливме интензитетот на тренинзи но на крајот успеавме.
Ме радува пласманот на Мундијалот, мило ми е за Талевски и Кузмановски, пробав да им помогнам, се поставив како татко и секогаш им давав поддршка. Но не само тие, тука има плејада млади играчи кои напредуваат добро и мислам дека имаме добра репрезентација во иднина“, вели Лазаров.
За популарниот Жути:
„Со оглед на возраста и здравјето, истемпиравме со стручниот штаб Миркуловски да даде придонес. Тој е посебен човек со чиста душа и чисто срце кој е спремен да даде нешто плус за колективот, а не да работи индивидуално“, кажа селекторот.
За тоа дали постојат шанси тој да заигра и на Светското првенство?
„Кажав уште во изјавите дека сега не е време за пензија и простувања, најважно е Македонија да игра на СП. Мора да ја негуваме традицијата и во тешки моменти да дадеме поддршка. Полека излегуваме на површина и градиме нова репрезентација затоа што народот и Македонија ја сака и ја почитува оваа ракометна селекција. Мислам дека, 90% ќе ме гледате во тренерка на следното СП“, рече Лазаров.