Денеска полека сите ги сумираме впечатоците од последните две фази од баражот за пласман на Светското првенство 2023 година. Македонија ќе игра на Мундијалот, ја совлада Чешка (27-25) на реванш дуелот и ја продолжи традицијата на учества на големите натпреварувања секоја година.
Иако ракометарите се најуспешна репрезентација, тие постојано се на удар на критики, без разлика дали станува збор за искусен или друг репрезентативец. Кога не оди се „мава“ по нив со „дрва и камења“, кога победуваат тогаш се шампиони.
По вчерашниот пласман на оваа тема говореше искусниот голман, Никола Митревски. Потенцира дека мора јавноста мора да има трпение.
„Ние сме шампиони во тоа да дигнеме некој играч или екипа, и да го уништиме. Немаме трпение, немаме трпение да го израснеме играч што се вели, него веднаш се бараат големи натпревари и по 10 голови да даваат. Си има секој играч свој квалитет со кој знаат да решаваат натпревар, не залудно играат во такви клубови. Повозрасните се тука да им дадат поддршка на младите“, изјави Никола Митревски, кој мечот го заврши со 14 одбрани.
Тој како сите останати во таборот им се заблагодари на сите кои дојдоа во сала. Жали што Чешка не ја победија двапати, но најважно е дека пласманот на СП 2023 година е обезбеден, па сега можат да одморат, а потоа да почнат да се подготвуваат за квалификациите за ЕП 2024 година кои ги стартуваме во октомври против Турција на гости.
„Игравме одлично и тука и во Злин. Таму паднавме последните 10 минути, имавме добар резултат, не искористивме на крај, разликата меѓу таму и тука беше феноменалната публика. И кога паѓавме имавме поддршка од нив. И кога беше тешко тие секогаш навиваа, и имаат голема заслуга за пласманот на Светското првенство. Штета што не победивме два пати, денеска можевме и со повеќе разлика, но најважно е што сме на Светското првенство, и можеме на раат да се спремаме за ЕП“.
Што се однесува до ждрепката за СП 2023, истата е закажана за 2. јули, Македонија се најде во вториот шешир.