Столе мотиваторот, Жути бестрашниот: Од лажeн цепелин до модринки и удари кои ги лечат само победите

4561

✍️ Марија Ковачева

Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски, синоними за вистински воини. Со години наназад војуваа за својата Македонија, со години наназад примаа удари само за својата татковина.

Сепак дојде денот за „разделба“. И двајцата синоќа објавија крај на своите репрезентативни кариери.

Стоилов ја изненади македонската јавност со својата одлука, едноставно ги шокираше сите, но како што рече самиот неговото тело веќе не може да го издржи пеколниот ракометен ритам. Дојде до точката која веќе не толерира поголеми напори, неговата позиција (пикер) е тешка за носење.

Одлуката не е донесена преку ноќ, Столе верува дека има момци кои еднакво можат да го заменат, момци кои имаат квалитет да го продолжат неговото дело.

А кога сме кај делата, во изминатите 15 години, тој даде премногу. Имаме по што да го паметиме, имаат и неговите наследници што да научат. Столе е голем мотиватор, за време на мечевите дава слика како да има сила да ја преврти салата, за него нема предвреме изгубена битка, истата завршува со звукот на сирената. Знае и да ги искара помладите (како што самиот кажа на прес-конференцијата, има и тежок карактер), но сето тоа секогаш е со една причина – за подобра иднина на Македонија.

Не жали за ништо од модринките, ќотекот кој редовно го јадеше додека се бореше со противничките ракакометари со годините минати без вистински одмор.

Имаше легендарни изјави, имаше и легендарни тајм-аут. Останува оној во Загреб на ЕП 2018 година, со „лажниот“ цепелин.

ЖУТИ СЕ ВРАТИ ОД ПЕНЗИЈА, НЕ СЕ КОЛЕБАШЕ НИТУ ЕДЕН МОМЕНТ

Филип Миркуловски се врати од пензија, во ниту еден момент не колебал на повикот од Кирил Лазаров. Има слична карактерна особина како и Стоилов. Тој става „нога“ каде што никој не би се осмелил. Не размислува каков и колку ќе биде силен ударот. Неговата борбеност треба да биде пример за генерациите кои доаѓаат, генерациите кои ќе го наследат.

Единствено што е жали е што со Македонија не се пласира на Олимписки игри. Репрезентација му даде пријатели за цел живот, а Македонија доби уникатен пример за вистински професионалец.

„Ми беше чест што играв со Столе, Лазаров, Мојсовски, Димовски и сите останати играчи во изминатите 20 години. Единствено штета е што не направивме и поголеми работи, како пласман на Олимпијада или некое полуфинале на големо натпреварување. Сепак, јас сум задоволен од мојата кариера, стекнав големи пријатели кои го оставаа срцето на терен за мене, но и јас за нив. Тоа е преголемо богатство“. 

И така е репрезентацијата е едно големо семејство, промените се видливи, атмосферата е позитивна, а од меч во меч Македонија расте, играме убав ракомет, имаме деца за кои треба само трпение и поддршка од целата македонската јавност за да остане ракометната бајка.

ПретходноСудии за Куп: Ставрев “главен“ во Струга, Стојчевски ќе им суди на Пелистер и Силекс
СледноНБА ги објави кандидатите за МВП наградата