Македонската женска ракометна репрезентација денеска (19:30 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ги одмери силите со Норвешка во рамките на ЕХФ Купот. Избраничките на Љубомир Савевски ќе имаат тежок тест, бидејќи за противник го имаат актуелниот европски и светски првак.
Ова ќе биде вистинска шанса и за љубителите на ракометот да дојдат во сала и на лице место да го проследат овој натпревар. А за нашите ракометарки ќе биде проверка на силите, особено пред Европското првенство кое во ноември ќе се одржи во три земји, една од нив е токму Македонија.
„На гости ни доаѓа светска сила, најтрофејна репрезентација во историјата. Без разлика со каков состав ќе пристигнат, ќе биде одлично искуство за нас. Ние ќе се натпреваруваме за да видеме до каде сме. Нашите размислувања се никогаш да не се предаваме и да одиме на победа на секој натпревар, без разлика на противникот. Се наоѓаме во процес на подмладување на репрезентација, па очекуваме да развиеме квалитет за во иднина“, изјави Савевски.
Предводникот на нашиот национален тим на оваа средба нема да смета на услугите на Елена Ѓеорѓиевска, Зорица Десподовска и Савица Мркиќ, а неизвесна е и Марија Штериова.
Од РФМ известија дека вратите за оваа средба се отворени, на девојките им е потребна поддршка против Норвешка.
Македонија во рамките на ЕХФ Купот има четири порази, додека европскиот и светски првак има четири победи во исто толку одиграни натпревари. Второто и третото место во ова друштво го делат Црна Гора и Словенија.