Македонија ЃП и вчера во Струга ја потврди својата одлична форма во текот на пролетната полусезона. Успеа како гостин да ја совлада Струга ТЛ, по изведување на пенал серијата, во полуфиналето во Купот на Македонија и да се најде во големото финале кое ќе се игра на 20 мај.
Се чини ренесансата во таборот на „лавовите“ почна со доаѓањето на Муарем Бајрами на чело на стручниот штаб на Македонија ЃП минатата есен. Од тогаш па наваму тимот од Ѓорче жнее само успеси, и сега е на дофат до излез во Европа, а и до освојување на пехарот во Купот.
„Секако дека ова е голем успех на сите нас во Македонија ЃП. Играчите, стручниот штаб, раководството, се е добро „скоцкано“ што се вели, и затоа има успеси. Знаевме дека ќе биде тешко во Струга, но знаевме и ние што можеме. Ете на крајот малку и со среќа, успеавме да ја оствариме целта. Искрено ова и за мене е голем успех, јас сум на почетокот на својата тренерска кариера и мене ова многу ми значи. Јас како играч на Шкупи и Ренова сум го освојувал трофејот, сега сакам и како тренер. Македонија ЃП не се задоволува само со пласман во финалето, ние го сакаме и пехарот. Сиот респект на Силекс, тоа е голем клуб, одличен тим, ќе биде тешко, но веруваме во себе“ вели за “Спортмедиа“ стратегот на “лавовите“ Муарем Бајрами.
Инаку и тој е свесен дека уште ништо не е готово. Самиот пласман во финалето не значи дека излезот во Европа е “зацементиран“.
“Не, никако. Јас им кажав вчера на играчите. Пред нас во првенството се уште пет финалиња. Ние сакаме на крајот од сезоната да завршиме на што повисоко место. Сега доаѓа она вистинското, има уште многу работа и труд пред нас за да се оствари генералната цел, а таа е излез во фудбалска Европа. Веќе в сабота не чека дербито со Шкендија во Тетово. Зарем треба да се говори за квалитетите на Шкендија? Сепак, ние веруваме во себе, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме за да дојдеме до резултат кој нас ќе ни одговара“ заклучи Муарем Бајрами, еден од нашите најталентирани фудбалски тренери пред кого е блескава кариера, барем според она што тој како тренер го покажуваше во Шкупи и сега во Македонија ЃП.