Савевски: Убаво е да се види како ракометарките се трудат, се жртвуваат на теренот!

226

Македонската женска ракометна репрезентација одигра добар натпревар против актуелниот европски и светски првак. Иако Норвешка од Скопје замина со целиот плен и славеше со 18-24, сепак добро се испоти за да дојде до овој резултат.

Избраничките на Љубомир Савевски беа рамноправен противник до 49. минута. Без неколку ракометарки, предводникот на нашиот национален тим има право на задоволство, особено ако се земе во предвид дека на оваа средба Македонија имаше премногу технички грешки.

„Начелно сум задоволен од тоа што девојките го прикажаа на натпреварот со Норвешка. Убаво е да се види кога играчите се трудат, даваат и повеќе од тоа што можат и се жртвуваат на теренот. Резултатот 18-24 е да не бидам погрешно разбран, во ред, ракометен резултат е тоа, не примивме премногу голови, 24 гола од Норвешка е коректно. Можевме и подобро, но направивме повторно премногу грешки. Не ги сметам овде промашените зицери, тоа е дел од играта. Зборувам за топки фрлени во аут, за нерешителност кога е пасивна игра итн. Истото беше и со Словенија, а тоа се должи на пад на концентрација. Немаме доволно добра ротација за да ги одмориме играчите во текот на натпреварот, а тоа да не се примети во играта. Ни недостасуваат неколку играчи, па кога ќе имаме комплетен ростер би требало да бидеме и подобри“, вели селекторот Љубомир Савевски. 

Реванш мечот против Норвешка во рамките на ЕХФ Купот се игра во недела.

ПретходноЈоновски доби нов договор, во Интерактив останува до 2024 година!
СледноЕкс – стратегот на Шкендија си “лапна“ од Бугарите 100.000 евра!