Дебитантот во елитното друштво оваа сезона дефинитивно е хит. Феникс од мал клуб порасна во тим за респект, низ годините веруваше и вложуваше во иднината на македонската кошарка. Стратегијата на овој клуб беше едноставна – со млади сили да се гради патот кон поголеми цели.
Денис Дервишевиќ кој е на чело на овој тим, трпеливо одеше чекор по чекор, не се плашеше, младите сили максимално уживаа во неговата доверба, а истата исплива на површина, го даде посакуваниот плод.
Оваа сезона видовме дека со многу малку може да се направи многу повеќе. Само треба трпение, она што помалку го имаат многумина клубови во мак-баскетот, кој сакаат преку ноќ, вештачки да дојдат до добри резултати, а притоа многу малку да вложат во домашни играчи.
Засега на оваа тема работат многу малку екипи од прволигашкото друштво. МЗТ Скопје прв тргна со ваква цел, има два тима. Едниот, посилниот има бројни македонски репрезентативци, другиот има млади кошаркари. Слично како МЗТ Скопје и Феникс е Ангели, исто тимот од Кисела Вода, оваа сезона има една цел – истата да ја искористи максимално во име на иднината.
Да се вратиме кај темата Феникс. Иако го завзема местото на Академија ФМП во Супер-лигата, сепак од клубот го пуштија Морган во ТФТ, свесни дека за битка во плеј-офот ќе треба многу повеќе.
Дебитантот вчера на дело уште еднаш покажа дека кошаркарка Македонија има иднина, само треба некој да ја негува.
Андреј Митревски, Амар Хот и Марин Петков, го водеа Феникс на жешкото гостување во Гостивар. Со мала доза искуство од Трајковски и Вилијамс, ова младо трио на теренот делуваше застрашувачки, имаше самодоверба како во повозрасни кошаркари.
Митревски и Хот имаат по 18 години, Петков 19 години. Бестрашно играат против големите противници и далеку поискусни имиња. Вака беше против Гостивар, дури и во продолжението постигнаа клучни поени.
Овие малку тимови кои навистина имаат поинаква визија за кошарката, повеќе го гледаат производот од матријалното заслужуваат максимална поддршка, а останатите остануваат само да учат.
Македонија токму поради поголемата љубов кон странското од македонското веќе долго време е надвор од европската и светската карта. За поголеми нешта треба промена на „лентата“, потребни се дела, а не празни зборови.