Менаџерот на Манчестер Сити Пеп Гвардиола го пофали противникот во полуфиналето од ЛШ и додаде дека неговиот тим ќе треба да одигра фантастично на двата меча за да се пласира во финалето. Противникот на Сити е Реал Мадрид кој игра одлично во ЛШ.
„Убаво е што сме во полуфинале на Лигата на шампионите. Пријатно е да си меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Треба да одиграме два исклучителни натпревари за да стигнеме до финалето. Можеме да го направиме тоа. Го почитуваме Реал Мадрид, знаеме кои се и колку се добри. Да играме против нив е огромен тест“, изјави Гвардиола.
„Ако ја споредиме историјата, немаме шанса. Историјата е на нивна страна, тоа не можеме да го промениме, но можеме да направиме нешто сега. На теренот се 11 против 11 играчи и има една топка. Играчите ги решаваат мечевите, а не тренерите. Реал многу пати играл полуфинале, ние втор пат по ред сме тука. Многу добри екипи не се тука, еден ден и ние нема да сме. Им кажав на фудбалерите да се насладуваат од моментот. Не знам кога повторно ќе бидеме во ваква позиција“, додаде Шпанецот.
Пеп потврди и дека Кајл Вокер и Џон Стоунс се под прашалник.
„Ќе видиме како ќе се чувствуваат утре и ќе донесеме решение“.