Вечерва на „Етихад“ ќе се одигра првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите. На мегдан Манчестер Сити и Реал Мадрид. „Граѓаните“ трет пат во историјата, а втор пат по ред се во полуфинале, додека Реал 10-ти пат само во последните 12 години.
Да потсетиме овие две екипи се соочија меѓу себе во осминафиналето на ЛШ во 2020 година, а тогаш Сити победи два пати со по 2:1 што беше еден вид на одмазда за елиминацијата од „Кралевите“ во полуфиналето во 2016 година (0:0 во Манчестер, 1:0 за Реал во Мадрид).
Тие се сретнаа и во групата во сезоната 2012/13, а тогаш во Манчестер беше 1:1, а во Мадрид победи кралскиот клуб со 3:2.
Судија на мечот е Романецот Истван Ковач.
МАНЧЕСТЕР СИТИ – РЕАЛ МАДРИД
Стадион: „Етихад“ во Манчестер.
Почеток: 21:00 ч.
Реал најверојатно ќе го нема на располагање Касемиро, а под прашалник е Родриго, но затоа големи се шансите да заигра Камавинга.
Кај Сити поради суспензии ќе ги нема Кансело и Менди, а повредени се Џон Стоунс и Кајл Вокер. За нив ќе одлучи лекарскиот тим дали ќе можат да играат или не.
Тренерот на Сити Пеп Гвардиола испрати пофални зборови за Реал со тоа што кажа дека тоа не е тим кој стигнал до тука на среќа туку е квалитетен, плус дека Сити никако не може да му парира на кралскиот клуб во поглед на историјата.
„Им реков на момците нека излезат и нека уживаат во натпреварот. Сега сме во полуфинале, после кој знае кога пак ќе играме тука“, кажа меѓу другото Шпанецот.
Реал го има Карим Бензема кој имаше фантастични настапи сезонава како во Ла Лига така и во ЛШ. Постигна по три гола на дуелите со Челзи и ПСЖ со што потврди дека тој е најголемата закана за ривалите. Тука е и Модриќ, искусниот Хрват вистински мотор на екипата од Мадрид, а неговата прекрасна асистенција на реваншот со Челзи многумина ја нарекоа „асистенција на деценијата“. Токму на тој меч Реал имаше големи проблеми, но успеа да се крене во второто полувреме и да се спаси од елиминација.
Реал досега одигра 30. полуфиналиња во ЛШ/КЕШ, а 16 пати поминал во финале, а 14 пати бил елиминиран.