Судиска комисија при ФФМ ги разгледа спорните моменти од 29. коло на ПРВА МФЛ и ги донесе следните заклучоци. Од истите може да се види дека официјалните лица добро ја завршиле својата задача:
На натпреварот ФК Работнички – ФК Скопје одигран на 22.04.2022 година, анализирани се ситуациите во 35. и 53. минута.
Главен судија: Стојчевски Игор; Помошни судии: Петковски Мартин и Путилин Бранко;
35. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија (НЕ досуден удар од 11 метри);
Додадена топка до играч од нападот на Скопје во шеснаесетникот на Работнички. Топката не беше во посед на напаѓачот и на минимален контакт од играч oд одбраната на Работнички, напаѓачот вешто го преувеличува контактот и паѓа. Исправна одлука на судијата играта да продолжи, контактот е недоволен за удар од 11 метри.
53. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија (НЕ досуден удар од 11 метри);
Додадена топка до напаѓач на Работнички кој сака да се сврти за да има позиција да шутира кон голот. На него минимално на топка стартува играч од одбраната на Скопје, напаѓачот го преувеличува контактот и паѓа. Исправна одлука на судијата играта да продолжи, контактот е недоволен за удар од 11 метри.
Критериумот на главниот судија во двете ситуации е исправен и изедначен за двете екипи.
На натпреварот ФК Академија Пандев – ФК Брегалница одигран на 22.04.2022 година, анализирана е ситуацијата во 90+3 минута.
Главен судија: Ецкоски Марјан; Помошни судии: Костоски Зоран и Цветаноски Давор;
90+3 минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија (досуден удар од 11 метри);
По левата страна, играч од нападот на Брегалница е во посед на топка во шеснаесетникот на Академија Пандев, врз него стартува со рака (туркање) со јак интензитет одбранбен играч на Академија Пандев и прави прекршок. Исправна одлука на судијата, досуден удар од 11 метри и доделено дисциплинска мерка (жолт картон) за туркање.
На натпреварот ФК Шкупи – ФК Ренова одигран на 23.04.2022 година, анализирани се ситуациите во 40. и 81. минута.
Главен судија: Грујоски Александар; Помошни судии: Куштрим Лика и Јанкулоски Зоран;
40. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија (НЕ досуден удар од 11 метри);
Во шеснаесетникот на Шкупи од десната страна близу до попречната (гол аут) линија, напаѓач на Ренова лошо ја прима топката, се одбива од него, не е во негов посед и оди кон линијата, притоа на него стартува со минимален контакт (рамо со рамо) играч од одбраната на Шкупи, напаѓачот кој е свесен дека ја губи топката го користи контактот и паѓа, не бара пенал само станува и продолжува со игра. Исправна одлука на судијата играта да продолжи, контактот е недоволен за удар од 11 метри.
81. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија и првиот помошен судија;
Се изведува удар од агол за Шкупи. По нафрлената топка, голманот на Ренова скока и ја боксува топката надвор од својот шеснаесетник и на доскок се втурнува во напаѓач на Шкупи, паѓа на земја и веднаш станува и продолжува со игра. Топката оди на левата страна од шеснаесетникот каде што друг играч на Шкупи нафрлува и постигнува регуларен гол со глава. Не станува збор за никаков прекршок над голманот при контактот во доскок со напаѓачот (поддржана одлука и од првиот помошен судија). Исправна одлука на судијата, голот е регуларен.
На натпреварот ФК Тиквеш – ФК Борец одигран на 23.04.2022 година, анализирани се ситуациите во 72. и 79. минута.
Главен судија: Младеновски Дејан; Помошни судии: Петрески Гоце и Василевски Александар;
72. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија и првиот помошен судија (досуден удар од 11 метри);
Играч од нападот на Тиквеш продира по десна страна во шеснаесетникот на Борец, играч од одбраната на Борец стартува да ја избие топката, но ја промашува и ја удира со интензитет ногата на напаѓачот. Исправна одлука на судијата (со поддршка од првиот пом. судија), досудено удар од 11 метри без дисциплинска мерка.
Оправдано досуден удар од 11 метри за домашната екипа.
79. минута: ДОБРА ПРОЦЕНА на првиот помошен судија (нема офсајд позиција);
Екипата на Тиквеш беше во напад, топката е додадена по десната страна кон играч од нападот на Тиквеш, кој во моментот на додавање е малку поназад од претпоследниот играч од одбраната на Борец и е во дозволена позиција. Бидејки е во полн трк, напаѓачот го користи лошото поставување на последниот ред на Борец и постигнува гол. Исправна одлука на првиот помошен судија, нема офсајд позиција и голот е регуларен.
Добра процена и концентрација на првиот помошен судија.
На натпреварот ФК Шкендија – ФК Македонија одигран на 23.04.2022 година, анализирана е ситуацијата во 9. минута.
Главен судија: Трпчевски Стојан; Помошни судии: Трпчевски Драган и Панов Душко;
9. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија (НЕ досуден удар од 11 метри);
Играч од нападот на Шкендија ја имаше топката во свој посед, истиот ја додаде до свој соиграч кој беше во шеснаесетникот на Македонија, примајки ја топката соиграчот дојде до минимален контакт без интензитет со играч од одбраната на Македонија кој не направи никакво движење со ногата, туку играчот на Шкендија сам се сопна од ногата на одбрамбениот играч. Исправна одлука на судијата играта да продолжи, нема елементи за удар од 11 метри.
Судиска анализа за 24. коло од ВТОРА МФЛ – ИСТОК
На натпреварот ФК Беласица – ФК Пехчево одигран на 23.04.2022 година, анализирани се ситуациите во 40. и 53. минута
Главен судија: Ѓорѓиевски Владимир; Помошни судии: Кокевски Јовче и Митревски Владимир;
40. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на вториот помошен судија (нема офсајд позиција)
При напад на Беласица, топката е додадена централно кон играч од нападот на Беласица, кој во моментот на додавање е во линија со претпоследниот играч на Пехчево и е во дозволена позиција. Бидејки напаѓачот е во полн трк, а претпоследниот одбранбен играч сака да направи офсајд замка и излегува, се прави голема дистанца кога ја прима топката напаѓачот и постигнува гол. Исправна одлука на вториот помошен судија, нема офсајд позиција и голот е регуларен
53. минута: ДОБРА ПРОЦЕНКА на главниот судија;
Играч од одбраната на Пехчево прави грешка и ја губи топката која ја зема играч од нападот на Беласица и продира централно во висина на шеснаесетникот кон голот на Пехчево. Играчот од одбраната кој ја изгуби топката прави прекршок надвор од шеснаесетникот над напаѓачот кој се наоѓа во ОЧИГЛЕДНА ШАНСА ЗА ГОЛ. Исправна одлука на судијата, досудено директен слободен удар и доделен ЦРВЕН картон на играчот од одбраната за спречување очигледна шанса за гол.
НА ОСТАНАТИТЕ МЕЧЕВИ ВО ВТОРАТА ЛИГА ИСТОК И ВТОРАТА ЛИГА ЗАПАД НЕМАШЕ ПРЕДИЗВИКУВАЧКИ СИТУАЦИИ ЗА АНАЛИЗА
ПО АНАЛИЗАТА ОД ОВА ВИКЕНД – ПРАЗНИЧНО КОЛО КОНСТАНТИРАНО Е ДЕКА ИМАШЕ МНОГУ ДОБРО СУДЕЊЕ НА СИТЕ МЕЧЕВИ.