Еуро Никел и ТФТ понудија уште една неизвесено-интересна битка, која беше решена во корист на домаќинот, славеше со 87-73 и го задржа третото место на табелата. Ова беше меч од третото коло во Супер-лигата.
Џекиќ и Соколов беа ударниот тандем за победа, заедно постигнаа 43 поени, на другата страна Хортон имаше 19 поени.
Видовме едно изедначено прво полувреме, и второ полувреме во кое Еуро Никел добро знаеше што сака.
ТФТ во првиот дел водеше со 10-15 и 17-22, но кавадарчани не им дозволија комоција на противничките кошаркари. Изедначија на 25-25 пред стартот на втората четвртина во која имаа водство од 40-33. Гостите исто по нивниот пример, со серија од 2-9 на одморот се изборија за егал (42-42).
Во третиот период на сцена настапија кавадарчани, дојдоа на двоцифрени 67-55 пред стартот на одлучувачките десет минути. Соколов, Димевски и Џекиќ, беше ударното трио.
Дубински после три и пол минути ги постигна првите поени за Еуро Никел во последната четвртина за 70-57, откако и двата тима имаа серија на промашувања. Домаќинот влезе во мини криза, која гостите преку Хортон, Бишоп и Костоски ја искористија да намалат на 70-65.
Соколов и Томиќ го прекинаа налетот на гостите (74-66), а Калахан и Џекиќ минута подоцна зголемија на 81-68 и најавија дека победата останува во Кавадарци.