Денеска ќе се одиграат последните два меча од третото коло во Супер-лигата. На програмата се два и тоа како интересни натпревари.
Актуелниот македонски првак, МЗТ Скопје е гостин на Феникс во својот „Јане Сандански“. Избраниците на Александар Петровиќ добија услуга од Гостивар. Со триумфот во Битола против Пелистер им го отворија патот на кошаркарите на МЗТ Скопје кон врвот на табелата. Победа против незгодниот дебитант ќе ги донесе на бод зад битолчани, кои сега имаат три порази, еден помалку од „сино-белите“.
Неизвесно ќе биде во Кавадарци. Еуро Никел е домаќин на ТФТ, два тима кои се борат за влез во четворката која ќе разигрува за титулата. Кавадарчани имаат 39 бода, додека пак тимот од Тафталиџе има 38 бода, победа и тоа како ќе биде значајна во трката за плеј-офот.
Оваа средба е закажана со почеток во 18 часот, додека пресметката меѓу Феникс и МЗТ Скопје почнува во 20 часот.