Т. Пролет ја забележа и петтата победа во низа од стартот на плејаут натпреварувањето, откако денеска рутински славеше на гостувањето против Радовиш со 21-29, за зацврстување на првото место на табелата. Радовиш очекувано не беше достоен ривал за избраниците на Лембанов, кои уште во раната фаза создадоа одлична предност што ја претворија во рутински бодови.
Почетната негатива од 2-0 експресно беше претворена во убедлива предност, откако Тинекс Пролет по само десетина минути игра поведе со 2-6. Во главна улога во овој период беа Димов и Аларов, кои постигнаа пет од шесте погодоци на скопскиот клуб, трасирајќи го патот до победата. Цврстата одбрана беше заштитен знак на Пролет во првото полувреме, принудувајќи ги домаќините на загубени топки што беа претворени во рутински погодоци на спротивната страна. Џонов беше меѓу најефикасните во вториот дел од првото полувреме, со три погодоци во ток од десетина минути, за водство на Т. Пролет од 8-15 по 30 минути игра.
Во следниот период, гостите рутински ја одработија својата задача и дојдоа до целиот плен.
Пецаковски со седум гола беше најефикасен во победничкиот тим, шест погодоци постигна Мартин Димов, а по трипати прецизни беа Аларов, Андоновски и Џонов.