Македонската женска ракометна репрезентација денеска ќе ги добие имињата на противниците за Европското првенство 2022 година, кое од 4. до 20 номеври ќе се одржи во три земји. Една од нив е Македонија, поточно нашиот главен град Скопје, во кој покрај групната фаза, ќе се одржи и една главна рунда.
Ждрепката е закажана со почеток во 17 часот во Љубљана, истата може да се проследи на Арена Спорт 1, како и на јутуб каналот на ЕХФ. На истата за време на извлекувањето на групите ќе присуства македонската репрезентативка, Андреа Седлоска, која ќе биде во друштво со со Ана Грос (Словенија), Татјана Брновиќ (Црна Гора) и Симонета Планета (Унгарија), како и Божидар Ѓурковиќ и Мартин Хауслајтнер од ЕХФ.
Македонија е во третиот шешир заедно со Словенија, Германија и Хрватска. На континенталното натпреварување кое беше доделено на РФМ, ќе учествуваат 16 земји кои ќе бидат поделени во четири групи со по четири уечсници. Најдобрите три од секоја група ќе обезбеди место во следната фаза.
Она што е познато е дека Македонија ќе биде во групата Ц која се игра во Скопје, актуелниот европски првак се наоѓа во групата А, која се игра во Љубљана, Словенија ќе игра во Селје, додека Црна Гора во Подгорица.
ШЕШИРИ ЕП 2022
1. Шешир: Норвешка, Франција, Данска, Холандија
2. Шешир: Црна Гора, Шведска, Унгарија, Полска
3. Шешир: Македонија, Словенија, Хрватска, Германија
4. Шешир: Шпанија, Романија, Србија, Швајцарија