Иако не е битка за титула, сепак мечевите во плеј-аут лигата и тоа како нудат интересни завршници. Водени од минатото коло, очекувањата се исти и за четвртата рунда во ова натпреварување. Секој бод е важен, оној што ќе отпише некој пред време дефинитивно ќе згреши многу.
Засега како најнепиријатно изненадување е Академија ФМП. Во првиот дел од сезоната бевме навикнати на добри партии од овој тим, но откако не успеа да ги исполни услови за влез во Супер-лигата и свесно одлучи да игра во плеј-аут натпреварувањето доживеа целосна промена, секако негативна.
Тимот од Кисела Вода се мачи да дојде до бодови, иако е прв на табелата, сепак има три порази во низа, вкупно пет ако се земат и оние од Првата лига. Излез од кризата кошаркарите на Академија ФМП ќе бараат против Кожув на домашен терен, меч кој е закажан со почеток во 17 часот.
Денеска ќе се одигра уште една средба. Работнички е домаќин на Куманово, кој па успеа да влезе во победнички ритам за разлика од својот противник. Најтрофејниот е под нивото иако нема тим за потценување, во минатото коло беше совладан од дебитантот Ангели.
Сега ќе има убава шанса да дојде до бодови, гостите доаѓаат со играчки проблеми. Душан Јузбашиќ има проблеми со грбот, додека центарот на екипата Александар Андрејевиќ сеуште ја санира повредата на зглобот од неговата нога . На повреда се пожали и Ненад Зивчевиќ, но според информациите овој кошаркар ќе се обиде да настапи на денешната пресметка.
ПЛЕЈ-АУТ – ДВОЈКИ 4. КОЛО
30.АПРИЛ (САБОТА):
17.00: Навико Академија ФМП – Кожув
18.30: Работнички – Куманово 2009
1.МАЈ НЕДЕЛА
16.00: МЗТ Скопје Уни Банка – Ангели