Е.Пелистер никогаш не бил толку близу до титулата како оваа сезона. Битолската гордост е на чекор да ги израдува своите фанови и целиот град после пауза од 17 години. Жељко Бабиќ и неговите избраници вечерва (19 часот) ќе го имаат најважниот тест оваа сезона, на дело треба да ги оправдаат сите средства кои раководството на клубот ги вложуваше во нив без да се штеди.
На патот стои добро познатиот ривал, Вардар 1961. Реми или победа ќе биде доволно за трофејот број седум во историјата на битолскиот клуб. „
Пелистерци“ ги имаат сите пред услови. Битола е на нозе, салата „Боро Чурлевски“ е распродадена, ќе има и фан зона пред стартот на ракометниот спектакл.
Но, нема да биде лесно.
Актуелниот македонски првак има големо искуство за вакви натпревари. Момците во „црвено-црниот“ дрес зад себе имаат и потешки дуели, цела сезона играа во Лигата на шампионите, кога се чинеше дека нема да се исправат, на терен излегуваа посилни, „мелеа“ многу попознати и посилни противници од Е.Пелистер.
И тие нема да бидат сами, „Комити“ ќе имаат свое место на трибините, што пак ќе биде доволно за да тргнат кон својата 15-та титула во историјата. За скопскиот состав на оваа средба има само едно сценарио – победа.
Ова ќе биде пресметка број четири оваа сезона. По една победа имаат двата тима, и едно реми, токму во Битола.
Ако минатата година беше јасно кој ќе се искачи на тронот, оваа сезона, тешко е да се прогнозира, ривалството стана многу посериозно, што пак му дава поголем пулс и жар на домашниот ракомет…
Останува вечерва да уживаме во пресметката и надмудрувањето на теренот, останува да видиме каква тактика подготвиле Жељко Бабиќ и Давид Дејвис, чија „магија“ ќе биде шампионска.