Струмичани слават титула и размислуваат за Лигата на шампионите на ЦЕВ

472

Одбојкарите на Струмица 47&72 доминантно, без пораз, завршија уште една сезона на домашната одбојкарска сцена. Финалната серија против Шкендија ја решија експресно, а со претходно освоената куп-титула ја потврдија двојната титула освоена и минатата година. Деветтиот шампионски пехар во рацете на Струмичани е императив да се оди чекор понатаму, европска промоција на македонскиот одбојкарски шампион.

„Среќни сме за титулата, колку таа и да изгледаше доминанто освоена. Навистина се вложивме до максимум и оваа сезона. Сега малку ќе одмориме, па повеќемина од нас ги чекаат репрезентативните обврски. Потоа почнува подготовката за новата сезона во која ќе играме и во Европа“, порачува искусниот македонски репрезентативец Владо Милев, кој од оваа сезона ја има и улогата на претседател на струмичкиот шампион.

Струмица 47&72 со освојувањето на шампионската титула ќе има право за настап во најсилното европско натпреварување, иако таму треба да почне уште од првото елиминациско коло.

„Чекаме да се отвори пријавувањето за европските купови. Ние како шампиони сакаме да се пријавиме за настап во Лигата на шампионите на ЦЕВ. Сепак, останува да се видат условите. Ако играме во Лигата на шампионите, ќе мора тоа да го направиме од првото квалификациско коло. Под услов и да загубиме, според правилата на ЦЕВ ќе продолжиме во ЦЕВ Купот, што практично значи дека ќе имаме најмалку 4 европски средби. За тоа игравме цела сезона и навистина сите посакуваат да излеземе во Европа“, дополни Милев.

Струмица 47&72 доминацијата на домашната сцена планира да ја продолжи и следната сезона, а амбициозното раководство се надева дека ќе ја врати и славата на македонската клупска одбојка од пред деценија-две.

ПретходноДриблинзите и финтите на Чурлинов ги фрлија фановите на Шалке во екстаза (ВИДЕО)
СледноКанаваро е прв кандидат за тренер на Еспањол