Пишува: Зоран Ѓоршоски
Вчера на 81 година почина Ивица Осим, последниот селектор на некогашна Југославија. Неговата смрт одекна на Балканот, на овие простори. Фудбалска легенда на екс – СФРЈ, сараевска икона, „Штраус од Грбавица“. Сараево имало три фудбалски гиганти, Асим Ферхатовиќ, Сафет Сушиќ и Ивица Осим како фудбалери. Тоа беа најголемите фудбалски “фраери“ во историјата на градот покрај Миљацка.
Респектиран, почитуван од сите, посебно од оние кои биле со него во репрезентацијата на екс – СФРЈ и во времето кога беше тој тренер на Партизан во сезоната 1991/1992.
Секако дека за него има што да каже нашата легенда Вујадин Станојковиќ, еден од нашите најдобри фудбалери во историјата, стандарден репрезентавец на екс – СФРЈ од 1998 до 1992 година, за која одигра 21 натпревари.
Инаку Вујо моментално е селектор на У-16 на Македонија, претходно беше на У-17, У-19, У-21, тренер на Вардар и Македонија ЃП, асистент селектор на А-репрезентацијата на Македонија. Македонска фудбалска легенда.
Токму затоа „Спортмедиа“ го замоли популарниот Вујо да каже збор – два за „Швабо“, како го нарекуваа Осим, секако и да се потсети на неговите времиња од пред 30 и повеќе години кога играше за репрезентацијата и кога беше капитен на Партизан.
„Пред се голем човек, господин, исклучително едуциран, фудбалски беспрекорен, тактички неверојатен. Не сакам да звучи патетично, нели она за покојните се најдобро, но што да мислам за човекот кој во 1988 година ме повика за првпат во А – репрезентацијата на екс – СФРЈ за мечот со Италија во Сплит. Тоа беше мојот прв повик. Осим беше човек што имаше свои идеи, замисли и не отстапуваше од нив. И тие негови идеи доведоа ние на СП во Италија 1990 да дојдеме до 5-тото место, само еден пенал не делеше од полуфинале по онаа пенал – серија со Аргентина и Марадона. Не даваше многу на значење на притисоците од разни страни околу изборот на играчите. Знаете веќе како беше порано,предност имаа оние кои играа во “големата четворка“, а јас станав репрезентативец како фудбалер на Вардар“ вели Станојковиќ.
СТАНОЈКОВИЌ, ПАНЧЕВ, НАЈДОСКИ, САВЕВСКИ, КАНАТЛАРОВСКИ… НА СПИСОКОТ НА ОСИМ
Во негово време, во време на Осим уште неколкумина Македонци беа повикувани во селекцијата и играа во неа.
„Да, се разбира тука беше еден Дарко Панчев, па Илија Најдоски, на пријателската со Англија на старо Вембли игравме јас и Тони Савевски, на еден натпревар со Полска игравме јас и Драган Канатларовски. Значи тој во една исклучително силна конкуренција знаеше да повика и повеќе наши фудбалери. Па во квалификациите за ЕП во Шведска 1992 на кое не игравме од познати причини, бевме тројца. Станојковиќ, Панчев и Најдоски. Затоа велам дека го имам сиот респект на светот за Осим, кого јас го нарекував Шеф. И така и беше, човекот знаеше во секој момент што треба да стори за да го извлече од тебе максимумот. И не кријам дека тој за мене е еден од најдобрите тренери во историјата на овие простори. Навистина еве втор ден сум во шок откако слушнав дека не е веќе со нас“ посочува Вујо.
Осим, па и Станојковиќ беа дел од таа последна селекција на екс- СФРЈ…
„Искрено во тој период се подготвуваше навистина нешто големо. Да, ние бевме 5-ти на СП во Италија, но врвот на таа генарција требаше да се постигне на ЕП во 1992, како и на СП во САД 1994 година. Но ете за жал не успеавме поради се она што се случуваше на овие простори. А знам дека Шефот долго време тагуваше за тоа. Инаку последен официјален меч на екс – СФРЈ беше во Фиренца против Фиорентина на десетина дена пред ЕП, но Осим не беше на тој меч, од познати причини. Претходно, иако не се сеќавам во детали, во рамките на подготовките за тоа ЕП, имаше натпревар и во Скопје, против селекцијата на новинарите или нешто слично“.
ВУЈО КАКО КАПИТЕН НА ПАРТИЗАН, ОСИМ КАКО ТРЕНЕР
Станојковиќ и Осим соработуваа и во Партизан во сезоната 1991/92, кога Вујо им беше капитен на Мијатовиќ и другите ѕвезди во редовите на “црно – белите“.
„Сакам да раскажам една случка поврзана со него што ете ми се случи во тие денови. Имено јас бев нешто повреден, но на време заздравив. Не чекаше тешко гостување на `Карабурма` против ОФК Београд, за кој тим играше и сегашниот директор на Ц. Звезда Ѕвездан Терзиќ. А во тие денови, Осим беше во исто време и селектор, требаше да играме со репрезентацијата на Австрија, и гледам јас мене ме нема на списокот на А – репрезентацијата. Секако дека не ми беше пријатно, но си молчев, тоа беше негов избор. Но ден – два видно бев нерасположен. Тој тоа го примети и на состанокот пред мечот со ОФК Београд почна да говори дека ако ние сакаме тој може и да си оди, ако веќе некој не разговара со него. Се разбира дека мислеше на својот капитен, на мене. И навистина стана и тргна кон вратата да си оди, навистина непријатна ситуација. Но само што ја отвори, тој веднаш ја затвори вратата од просторијата и кажа дека тој никогаш нема да не напушти на тој начин. Со тоа сакаше да не `разгневи`, да не `налути`, да одиграме и од инает. Го победивме ОФК Београд со 7:1 мислам. Ете Осим знаеше како од мене, од сите играчи, да го извади максимумот што него му треба на теренот. Фантастична фудбалска величина“ заврши Станојковиќ.