Ливерпул во вторник му гостува на Виљареал на возвратниот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите. „Црвените“ доаѓаат со предност од 2:0 обезбедена на првиот меч, па во Виљареал ќе треба да ја одбранат.
„Знаеме дека го одигравме само првото полувреме. Мораме да ја игнорираме предноста од првиот меч. Да мислиме дека ова е еден меч и дека мораме да победиме. Знаеме дека тие ќе дадат се од себе, па знаеме дека ќе биде тешко. Полуфиналињата во ЛШ и треба да бидат тешки“, изјави тренерот на Ливерпул Јирген Клоп.
Ливерпул трет пат во последните пет сезони игра полуфинале.
„Никогаш не знаете дали повторно ќе се пласирате во полуфинале или дали ќе имаме друга шанса да одиме во финале. Никогаш не знаете. Играме против силна екипа и не треба да ја сфатиме како лесен залак. Во некои моменти ви е потребна среќа, па подобро да се биде внимателен и спремен, а ние ќе бидеме спремни. Сакаме да играме финале. Ако Виљареал успее да не елиминира тогаш ќе им честитам“, додаде Германецот.