За вечерва од 21 часот закажан е реваншот од полуфиналето во ЛШ меѓу Реал Марид и Манчестер Сити. На првиот меч победија “граѓаните“ со 4:3 во еден епски меч, во најспектакуларниот меч оваа сезона во ЛШ.
Вечерва преполниот “Сантијаго Бернабе“ во Мадрид ќе “гори“, нема што, сите посакувме, очекуваме, се надеваме дека ќе видиме уште еден мега – спектакл.
Цела планета е на нозе, фудбалскиот свет посебно. Реал против Сити, победникот од овој двомеч ќе игра против Ливерпул во финалето во Париз на „Стад де Франс“ на 28 мај.
Фудбалски “опиени“ по она што се случи минатата недела на „Етихад“, сега со право посакуваме уште едно блескаво издание на “кралевите“ и „граѓаните“.
Која тактика ќе победи, онаа на Дон Карло или на Пеп?
Реал оваа сезона во ЛШ секогаш се вадеше од калта, и со ПСЖ и со Челзи. Овој клуб во својата днк има победнички дух, знае како треба, посебно во ЛШ.
И затоа Реал е Реал, дури 13 пати го освојувал „ушлето“, најпрестижниот трофеј во клупскиот фудбал.
Сити веќе деценија се мачи како да стане хегемон во Европа. Во Англија тоа му успева, но дали оваа сезона дојде конечно тој момент? Останува да се види.
Анчелоти има проблем со Алаба, секако дека нема да играат ни “заборавените“ Азар и Бејл.
Гвардиола може да смета на Кансело, но Менди и Вокер се во „аут“, а Стоунс и Аке се под знак прашалник, значи цела една постава во одбраната.
Сепак и едните и другите имаат доволно квалитет да му понудат на светот уште една блескаво фудбалско издание, уште една фамозна фудбалска ноќ, уште еден незаборавен епски меч кој долго, долго ќе се памети.