Тимот на Македонија ЃП како ретко која екипа во домашниот шампионат до крај ќе има сериозна задача сезонава. Ајде што „Лавовите“ се во финалето од домашниот куп, и играат меч против Силекс на 20 мај, дотогаш имаат задача во домашниот шампионат пак да обезбедат што е можно повисоко место, и преку него евентуално да излезат во Европа.
По ремито против Шкупи во средата (1:1), сега МЃП на домашен терен ја пречекува Струга Трим Љум. Дуел во кој победата е императив, за да потоа се чека кикс на Шкендија и преземање на третото место на табелата.
„Секако дека планираме да победиме. А што друго ни преостанува? Дојдовме во ситуација да се бориме за Европа, покажавме и тоа како сезонава дека сме квалитет за такво нешто, а за тоа говорат и позицијата на табелата, но и пласманот во куп финалето. Струга е квалитетен противник, но се за нас освен победа ќе биде голем, огромен неуспех. Ова е клучниот меч за нас сезонава“ – изјави Арби Воша за Спортмедиа.
Тој сезонава има седум погодоци во домашниот шампионат.