Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, во пошироко интервју пред денешниот дуел со Њукасл, зборуваше и за елиминацијата во Лигата на шампионите, што предизвика лавина разочарување кај навивачите на „граѓаните“.
„Секако дека може да го анализираме мечот со Реал, но овој тип на натпревари предизвикува многу емоции. Јас сакам да се фокусираме на Њукасл. Тоа сега ни е најважно. Во спортот има и многу лоши и многу добро моменти. Затоа понекогаш се чувствувам покомфорно во овие ситуации, отколку кога треба да се соочам со успех. Моментот е таков и мора да го прифатиме. Дали ова е лоша сезона? Апсолутно не! Секако, желба ни е да бидеме шампиони на Европа, но кога ме викнаа да го преземам Сити не ми рекоа дека морам да ја освојам Лигата на шампионите, па дури ни Премиер лигата. Ми беше кажано дека сакаме да бидеме конкурентни во сите натпреварувања до крај и да бидеме тим кој навивачите ќе уживаат да го гледаат“, вели Пеп.