МЗТ Скопје направи голем чекор кон лидерското место во Супер-лигата. Актуелниот македонски првак во минатото коло на домашен терен им одржа лекција на битолчани, бодовно се израмни со нив, а за да ја продолжи битката треба вечерва (19 часот) да дојде до нов триумф, исто пред своите фанови.
Гостин во СЦ „Јане Сандански“ е ТФТ, тим кој се бори за влез во плеј-офот и кој воедно е голем должник на МЗТ Скопје. На почетокот на Супер-лигата, веднаш по заверката на местото во АБА-лига, Александар Петровиќ и неговите момци беа поразени на гостински терен. Па сега со поддршка од навивачите очекуваат само победа.
ТФТ зад себе го има поразот од Гостивар, заедно со него и Еуро Никел бркаат место за плеј-офот, тука свои шанси има и Феникс.
Токму пред почетокот на пресметката во Скопје, еден час порано Гостивар ќе го пречека Еуро Никел, кој зад себе го има непријатниот пораз од дебитантот.