Немилите настани од вчерашното дерби помеѓу Шкендија и Шкупи кое беше дел од претпоследното коло во овогодинешниот ПМФЛ ги покажа сите аномалии и проблеми со кои се соочува нашиот фудбал. Лошата организација на мечот, како и неочекуваното лошо однесување како на домаќинот, така и на домашната публика доведе до тоа, да овој меч има проблеми воопшто да започне, а и кога започна беше прекинат десетина пати. Поради удирање на гостински играч, поради удирање со камен на помошникот судија, поради тепачка на теренот, поради инциденти на трибините, поради што ли уште не….
Токму затоа, изреволтирани од начинот на кој што беа пречекани, и испратени од вчерашното дерби во Тетово, гостите, актуелниот шампион Шкупи предмалку излезе со соопштение во кое се осврнува на вчерашните настани, и го потсетува ривалот од Тетово, како тој бил пречекан на Чаир своевремено, кога Шкендија ја освои титулата.
Со шпалир, аплауз и подарок, а не со ќотек, камења, и факели во глава. Нека ви служи на чест велат од Чаир, и конечно се виде кој е „голем“ а кој „мал“ клуб, велат од Чаир.
ПОЧИТTА И РАЗЛИКАТА МЕЃУ ГОЛЕМИОТ И МАЛИОТ КЛУБ
„На натпреварот одигран вчера се случи срамен и тажен настан за фудбалот. Не чувствуваме никаков гнев кон навивачите поради настаните што се случија вчера. Вистинскиот гнев кај нас е насочен кон менталитетот на менаџментот што ги наведе навивачите на овој немил настан. Овој менталитет треба да знае дека ако бараат непријател, нема да може да најдат подобар непријател од нас. Ако така сакаат, во ред, на нас нѝ одговара. Но, дали е тоа во ред? На јавноста ѝ е добро познато дека тоа не е во ред и дека не треба да биде така. Најголемата карактеристика на спортот е тоа што обединува, склучува братство и мир. Само благодарение на здравиот разум на нашите фудбалери и стручниот штаб вчерашниот натпревар се доигра до крај. За време на настаните, раководството ги извести играчите и стручниот штаб дека доколку сакаат можат да се повлечат од теренот. И играчите и стручниот штаб покажаа карактер со тоа што рекоа дека во оваа фаза од мечот не се плашат од никого, дека се дојдени да играат фудбал и дека токму тоа и ќе го сторат. Би сакале да им се заблагодариме на нашите играчи и стручниот штаб за нивниот став и здравиот разум. Hикогаш нема да бидеме алатка во оваа хаотична средина што е наметната од опасниот менталитет. Никогаш нема да го користиме фудбалот како алатка за ова. Амбициозноста и неспособноста на некои луѓе нема да бидат доволни за да се создаде раздор помеѓу луѓе кои треба да се како браќа. Нека знаат дека никогаш нема да дозволиме брат да повреди брат. Искажуваме благодарност до нашите навивачи. Беше навистина прекрасно што големите играчи на големиот тим беа пречекани со еуфорија од прекрасните навивачи на Шкупи. Ние сме уште поголеми со нашите навивачи. Големината не се мери со пари. Оние кои сакаат да ја видат вистинската големина нека гледаат како играчите на Шкупи му аплаудираа на противникот додека минатата година на теренот излезе екипата на Шкендија. Нема да дозволиме неписменоста и лошиот менталитет на неколкумина да внесат раздор меѓу две братски екипи. Ниту едно ривалство не може да ги надмине пријателството и братството“ – се вели во соопштението на Шкупи.