По 57 години „Дерби Д’Италија“ во Купот: Интер никогаш не победил против Јуве во финале

240

Вечерва на „Олимпико“ во Рим, екипите на Интер и Јувентус по третпат во историјата ќе играат во големото финале на италијанскиот фудбалски куп. Два од најголемите италијански тимови низ историјата, оваа година успеаја да дојдат до последниот меч и да се борат за нов пехар во ова најмасовно натпреварување на „чизмата“.

За Интер вечерва ќе биде голем предизвик да се добие Јувентус, затоа што во досегашните две меѓусебни финалиња „Старата дама“ победи. Првпат во 1959, а потоа и во 1965 година.

И покрај тоа што историски се можеби двата најголеми клуба во земјата, па оттука и натпреварот го добива прекарот „Дерби д’Италија“, навистина е чудно што само трипати досега овие два тима се сретнале во финалниот меч од Купот. Ако се види дека цели 57 години Интер и Јуве не играле финале во националниот куп, вечерашниот дуел во Рим ќе биде вистинска реткост.

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги признава дека не очекувал да биде во трка за домашна тројна круна во оваа фаза од сезоната и затоа вели дека оваа сезона е посебна.

„Ова е финале и нема гаранции за победа. Финалињата треба да се играат знаејќи дека нашиот противник е силен,а  ќе ни требаат 110% за да ја достигнеме нашата втора цел оваа сезона“, рече Инзаги на вчерашната прес-конференција пред мечот. Неговиот опонент, Алегри, пак изјави:

„Ќе биде убав натпревар, Интер е тежок противник и ќе ни треба трпение. Фудбалот е чуден, ако има ран гол, се ќе смени. Ни треба добар настап и да се обидеме да го донесеме трофејот дома“.

Јувентус потврди дел од фудбалерите со кои сигурно го почнува вечерашниот дуел, додека кај Интер има доста сомнежи за стартерите во нападот и одбраната. Тренерот на Јуве, Макс Алегри, потврди дека Матија Перин ќе стартува на голот, а стартери ќе бидат и Џорџо Киелини и Пауло Дибала.

Интер има речиси целосен состав на располагање, бидејќи Матиас Весино се врати на тренинг, додека за Алесандро Бастони е потребен фитнес тест за да добие „зелено светло“ за настап.

ВЕРОЈАТНИ СОСТАВИ:

Интер (3-5-2): Хандановиќ; Шкрињар, Де Врај, Бастони; Думфрис, Барела, Брозовиќ, Чалханоглу, Перишиќ; Лаутаро Мартинез, Џеко

Јувентус (4-4-2): Перин; Данило, Де Лигт, Киелини, Алекс Сандро; Квадрадо, Закарија, Рабио, Бернардески; Дибала, Влаховиќ

ПретходноПознати патниците во плеј-офот во домашниот пинг-понгарски шампионат
СледноДинамо Букурешт е новиот клуб на Дејан Манасков!