Доминацијата на МЗТ Скопје во пресметките со Еуро Никел продолжува. Актуелниот македонски првак дојде до нова победа против кавадарчани, овој пат од 75-95 и ја продолжи битката за врвот на табелата, кикс на Пелистер кај ТФТ би значело и осамнување на првото место.
Милошевиќ со 18 поени и 7 скока беше најраспложен, Ајви постигна 13, еден помалку имаа Крстевски и Дамјан Стојановски. На другата страна Дубински беше стрелец на 11 поени, по 10 запишаа Караколев и Џекиќ.
Избраниците на Александар Петровиќ овој дуел го решија за четири минути, поточно во втората четвртина во која со серија од 3-15 поведоа со 29-38, нешто подоцна дојдоа на двоцифрени 31-41.
На стартот на третата четвртина, гостите зголемија на 34-54 и 37-58. Кошаркарите на Еуро Никел не успеаја да приредат целосен пресврт, немаа доволно сили.
Актуелниот македонски првак ги запечати бодовите, а на другата страна кавадарчани направија чекор назад во битката за место во плеј-офот. Ова е пораз број четири во низа, ќе мора да излезат од кризата за да сезоната биде подолга за нив.