Веќе два дена англиските таблоиди пишуваат за почетокот на необичниот судски процес во кој се инволвирани сопругите на две популарни имиња на англискиот фудбал. Станува збор за жените на Џејми Варди и Вејн Руни, кои се најдоа на суд поради наводно „продавање лажни вести на англиските таблоиди“.
Тужбата ја покренала сопругата на Вејн Руни, Колин, а на обвинителна клупа е сопругата на напаѓачот на Лестер, Џејми Варди, Ребека.
Колин Руни ја тужи Ребека Варди дека продавала „лажни вести“ за нејзиниот приватен живот на таблоидот „Сан“. Колин во првото обраќање посочила дека е фрапирана како таблоидот знае толку многу интимни детали од нејзиниот живот кој ретко кому му ги кажала. Нејзината сопствена истрага ја довела до „озборувачката“: Ребека Варди.
Колин откако дознала дека Ребека е „информаторот“ продолжила да ја „храни“ со лажни информации за да види дали таа ќе продолжи да ги „продава“. Откако истите веднаш се појавувале во медиумите, сопругата на Руни решила да поведе судска постапка.
Ребека ги негира обвинувањата и укажува на можно хакирање на нејзиниот Инстаграм профил. „Судењето на сопругите на фудбалерите“, како што го нарекоа таблоидите, почна во понеделникот.