Американската спринтерка Габриеле Томас и Бразилецот Алисон Дос Сантос поставија нови рекорди на митингот во Доха на денешното отворање на новата сезона во атлетската „Ванда Дијамантската лига 2022“.
Томас го израмни рекордот на митингот кој го држеше нејзината сонародничка Алисон Феликс од 21,98 на 200 метри кај дамите, додека Дос Сантос постигна извонредни 47,24 на 400 метри со пречки кај мажите што преставуваат нов рекорд на митингот во Доха.
Во ноќта кога натпреварот во скок со стап кај мажите беше откажан поради силните ветрови, светскиот шампион во скок во височина во сала, Сангјеок Ву го изненади домашниот миленик и олимписки шампион Мутаз Еса Баршим и со скок од одлични 2,33 метри го освои првото место.
Изненадување имаше и на трката на 400 метри за жени, бидејќи олимписката шампионка Шона Милер-Уибо беше само трета зад денеска победничката, инаку сребрена олимписка медалистка Марилеиди Паулино и поранешната шампионка во Дијамантската лига, Стефани Ен-Мекферсон, која заврши втора.