Ива Младеновска најголемата ракометна надеж со свои 15 години беше лидер во редовите на Металург во триумфот над Куманово од 21-25 за пласман во финалето, постигна десет гола.
На средината на второто полувреме се чинеше дека тимот од Автокоманда е далеку од посакуваната победа, но Дамчевска повика тајм-аут по кој нејзините девојки одиграа како под ноти, на крајот сосема заслужено се радуваа.
Иако постигна десет погодоци, Младеновска по мечот беше скромна.
„Сите сме заслужни за овој успех, поединец не може да донесе успех, ова е тимски спорт. Останува да се одмориме до утре и да се подготвиме за финалето. Среќни сме што ќе играме за трофејот, нашата желба е да го освоиме Купот“, порача Младеновска.
Јулијана Дамчевска не го криеше своето задоволство по триумфот, потенцира дека на полувремето им кажала на своите девојки дека овој меч ќе заврши во нивна корист, не ја изгубила вербата кога имаа четири гола негатива.
„Можеби во првото полувреме се сомневав за крајниот исход, но на полувремето им кажав на девојките дека овој меч ќе биде наш. Имаме млад тим, можеби не најмлад, но немаме големо исуство, па токму тој тајм-аут беше потребен за да се разбудат девојките, да не изгорат во желбата за победа“.