Куманово и Металург дадоа одличен вовед на Купот на Македонија во женска конкуренција. Во салата „Јасмин“ видовме неверојатна битка и уште поневеројатен пресврт, на крајот славеше Металург со 21-25 за место во финалето. Тимот од Автокоманда ќе се бори за трофејот после осум години.
15-годишната Ива Младновска со 10 гола беше најефикасна кај својот тим, Божиновска беше стрелец на седум погодоци, Илјаз имаше десет одбрани. На другата страна Кипријановска имаше девет гола.
Кога се чинеше дека бранителот на трофејот го фати вистинскиот пат кон ново финале, Дамчевска повика тајм-аут, а Металург се разбуди. Со серија од 1-9 направи пресврт, поведе со 19-23 на пет минути до крајот.
Куманово влезе во голема криза, а добра работа заврши голманката на тимот од Автокоманда, Илјаз која беше одлична на својата мрежа.
Металург остана со играч помалку, откако Арсениевска доби црвен картон. Куманово по долго време конечно реализираше, намали на 21-23 на минута и пол до крајот. Божиновска стави печат, на другата страна Куманово направи пробивање за големо славје на ракометарките на Металург.
Претходно во првото полувреме, Куманово имаше предност од 12-10 на одморот, ја имаше контролата на мечот се до средината на мечот.
Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Ѓорче Петров и Чаир.