Денеска од 17:45 часот се игра финалето од ФА купот во Англија помеѓу екипите на Ливерпул и Челзи. Епска битка, една од многуте на дваа тима кои ја одбележуваат последната декада на врвниот англиски но и европски фудбал. Два гиганта предводени од фудбалски стручњаци предводници на новата генерација, екстремно успешни и почитувани. Јирген Клоп и Томас Тухел. Обајцата Германци, обајцата своите почетоци ги имаа во тимот на Мајнц, каде што ја доживеаа својата фудбалска афирмација, па тргнаа на печалба.
Добро се познаваат, соработуваа, се надоградуваа. Имаа чест и задоволство да бидат дел од Мајнц заедно со една легенда на клубот која е со златни букви испишана во историјата на клубот. Тоа е нашиот Николче Новески. Човекот кој го носеше дресот на овој клуб повеќе од деценија, настапи на преку 300 мечеви за клубот, ја носеше капитенската лента.
Некогашниот македонски репрезентативец ја имаше таа чест и задоволство низ годините да соработува со два тренери кои несомнено ќе остават голем, огромен белег врз европскиот фудбал, и ќе бидат пример како со квалитетна и макотрпна работа, со пожртвуваност и пред се лојалност може да се стигне до самиот врв.