Вардар е ГОЛЕМ клуб со „ситни“ луѓе кои го уништија!

2085

Да си го ставите показалецот на сопствените глави на слепоочницата и да размислите што направивте!

Потоа да покажувате кон други и да барате на друго место виновници наместо кај самите себе за резилот кој му го направивте на ФК Вардар во оваа сезона, во мисијата за екпсресен кам-бек во елитата.

Наместо Слобода(н), на Вардар му се случува нова робија, нов удар, омаловажување и моменти кои не доликуваат за клуб кој е најголем во оваа наша Македонија. Најголемиот клуб ќе биде повторно најголем во некое идно брзо време, но за големи нешта не треба да се оди во војна со „ситни“ и мали луѓе. Луѓе кои се далеку од реалноста и без капацитет да го менаџираат најтрофејниот клуб. Неуспехот да се добие битка со Воска за бараж, а притоа убедливо да се загуби војната со вечниот ривал Силекс за директен влез е една беда која не смее да му се случува на клубот со „црвено-црни“ бои. Цела година приказни, лаги, интриги…

Ништо од оние големи ветувања на малите луѓе кои купуваа време, кои одработуваа нечии агенди а никогаш вистината не ја кажаа. Никој јавно не кажа која е всушност позадината, од каде се парите (и тие мизерни и повеќето од ваучерите), неисплатени долгови. Милиони, авиони и на крајот Воска!

Прстот треба долго да се чува на сопствените глави и да се мисли што направивте. Вардар е клуб полн со мистерии и тајни, но за брзо време клопчето ќе се одмота за да вистината излезе на виделина. Срамот! Тоа не може да го исперете со години и години… Силекс! Жално е да чекаш некој да ти помогне во последно коло а притоа тоа да го очекуваш од Кратово од клубот кој во блиското минато беше најголемиот крвник на Вардар. Навивачите на „црвено-црните“ и ден денеска си пеат една песна за Силекс и нејзиниот покоен претседател Ѕинго.

Судиите!? Нема сила која може да спречи сила! Па така и судиите не можат ништо да ти направат ако си јак на терен, со јака управа и со силни финансии. Да не се правиме „Васка Илиева“ затоа што второлигашкиот циркус го играат сите кои се дел од него. Па така ниту еден клуб не е цвеќе за мирисање, но Вардар со своето име, авторитет и големина требаше само да се прошета во лигата а не цела пролет да брка второ место наместо прво. Нашиот народ рекол колку пари толку музика! Вардар немаше пари, немаше управа а единствено имаше способен дел од Комитите кои во даден период знаеја да помогнат на клубот, да обезбедат терени, поддршка и почит. Но кога требаше да се продолжи во ист стил и да се вратат надежите барем за бараж се вклучи фамозната управа која со месеци немаше исплатено личен доход, која ветуваше брда и долини а на крајот се се сведе кон трето место и пукање кон ФФМ, кон одредени клубови за да се исперат за нивното незнаење, нивната неспособност… Сетете се што ветивте кога дојдовте а што е сега со клубот!?

Вратате го времето само десетина месеци и треба да се срамите од сето она што го ветивте а на крајот од сето тоа остана само една голема “НУЛА“. Се мисли на „нула“ за успесите иако одредени лица добро заработија и во оваа хаварија.

П.С Денеска е недела неработен ден а од утре во одредени продавници може да се купи „МЕТЛА“! Можеби сега дојде вистинско време за аларм, за мобилизација и план за спас на најголемиот фудбалски клуб во земјава!

ПретходноГостивар се мобилизира за Пелистер, време е да се разбуди и Еуро Никел!
СледноНов „судир“ на македонските гиганти: Може ли Е.Пелистер да му го земе Куп-пехарот на Вардар?