Нов „судир“ на македонските гиганти: Може ли Е.Пелистер да му го земе Куп-пехарот на Вардар?

251

Двата најголеми клубови во македонскиот ракомет, Вардар 1961 и Е.Пелистер денеска ќе влезат во нова битка за трофеј. Овој пат ќе се борат за пехарот во Купот на Македонија, финалната пресметка е закажана во 19:30 часот во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

Треба да биде нов ракометен спектакл, на трибините ќе бидат и двете навивачки групи „Комити“ и „Чкембари“ треба да му дадат дополнителен жар на финалето, и едните и другите очекуваат со пехарот да се вратат дома.

Последната важна битка оваа сезона ја доби Вардар 1961, кој е бранител и во Купот на Македонија. Во Битола „црвено-црните“ дојдоа до победа која им го отвори патот кон тронот. Давид Дејвис и неговите момци одат по 15. трофеј во Купот, засега се први на листата по бројот на победи во финалињата во ова натпреварување.

На другата страна по разочарувачкиот пораз пред своите фанови, Е.Пелистер е под голем притисок. Во Битола се бара реванш, па Купот ќе биде како утеха за она што не го искористија во домашниот шампионат, и со реми ќе успеаја да ја вратат титулата во својот град.

Пелистер последен пат овој пехар го подигнал во 2005 година, од тогаш па наваму, шест Куп финалиња им припаднале на Металург, додека девет на Вардар 1961. Жељко Бабиќ на оваа средба на располагање ќе го има Јосип Периќ, кој не беше во составот за пресметката против „црвено-црните“ во Битола.

Пред машкото финале, во 17 часот е закажана средбата меѓу Металург и Ѓорче Петров. Тимот од Автокоманда по неверојатен пресврт дојде до финалето, го елиминираше составот на Куманово, кој беше бранител. На другата страна Ѓорче Петров имаше полесна задача, ја оправда фаворитската улога против Чаир.

Пред овие две средби ќе се одигра ревијалниот натпревар во чест на Марко Божиновски меѓу кадетската репрезентација на Македонија и кадетите на Бутел, кои се прваци во својата генерација.

ПретходноВардар е ГОЛЕМ клуб со „ситни“ луѓе кои го уништија!
СледноПМФЛ: Шампионска ЖУРКА на Чаир, Шкупи го добива пехарот!